Економија Груевски одржа презентација за Македонија на бизнис-форум во Њујорк

Груевски одржа презентација за Македонија на бизнис-форум во Њујорк

Премиерот Груевски пред присутните ја нагласил стабилната макроекономска политика

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, и членовите на владината делегација, во чиј состав се заменик претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, завчера попладне (понеделник, 03.11.2014 година) во Њујорк, САД, присуствуваа и се обратија на бизнис-форум за презентација на поволностите што ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции, информираат од Владата на Република Македонија.

Њујорк е важен трговски и економски центар и претставува најголема регионална економија во САД со најголем регионален бруто-производ. На бизнис-форумот што се одржа во соработка со „Фајненшл тајмс“, присуствуваа претставници од повеќе компании кои доаѓаат од финансискиот сектор, градежништвото, осигурувањето и од трговијата со недвижен имот, од прехранбената и од преработувачка индустрија, а кои се интересираат и ги разгледуваат можностите за инвестирање.

Премиерот Груевски пред присутните ја нагласил стабилната макроекономска политика и континуитетот кој постои во реформите за државата да стане привлечна за странските инвеститори. Тој истакнал дека Република Македонија има многу поволна бизнис-клима, која е сериозно подобрена во последните неколку години.