Главна секција Груевски и понатаму се однесува како да е премиер

Груевски и понатаму се однесува како да е премиер

ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше состанок за проектот (на Владата!)  „Купи куќа за млади“, кој се одржа во хотелот „Александар палас“ и на кој присуствуваше претседателот на партијата, Никола Груевски. На средбата присуствуваа градоначалници и министри.

Проектот „Купи куќа за млади“ го промовираше Никола Груевски како премиер на 18 декември 2015 година, а почна да се реализира на 15 јануари 2016 година.

И завчера Груевски во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ пред Унијата на млади сили на партијата порача дека ќе направи многу работи за младите.

  • Три нови читални за младите во Струмица, Аеродром и во Велес;
  • Бесплатна обука за основни компјутерски вештини и за странски јазици за млади до 29 години;
  • 18 фитнес-зони во Македонија;
  • Перални и сушални за државните студентски домови.

Меѓу другите проекти, Груевски вети и дека партијата ќе им обезбеди бесплатен железнички превоз за викенд на младите до 27 години.

ВМРО-ДПМНЕ во насока на задоволување на потребите на студентите, сместени во студенстките домови во Република Македонија и воедно зголемување на студентскиот стандард, следејќи ги најновите позитивни искуства применувани во студентските домови во повеќе европски држави, се реши да ги опреми со нови перални и сушални сите 10 постоечки студентски домови во Република Македонија – рече Груевски.

На обраќањето на Груевски реагираа и од опозицискиот СДСМ, од каде велат дека тој не може да се помири со фактот дека повеќе не е премиер.

„Никола Груевски не може да се помири со фактот дека не е премиер и дека уште кратко време ќе биде само претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Лажните и лицемерни ветувања на Никола Груевски во името на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат дека нема капацитет да разграничи што е држава, а што партија. Тоа е истиот Никола Груевски кој за 10 години не изгради ниту еден студентски дом. Како што самиот призна, 10 години барал локација. Доцна е за Никола Груевски, никој не му верува, а најмалку студентите“, реагираа од СДСМ.

На прашањето како претседател на партија ветува што ќе прави Владата и какви проекти ќе спроведува, Иво Котевски, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека најавените проекти биле дел од нивната програма.

– Истите луѓе што седат во Владата се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Колку што знам јас, мнозинството во Владата сè уште го има ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се проекти за кои се разговарало и за кои се дискутирало – вели Котевски.