Македонија Груевски до Хајндл: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори, но без ново лицитирање...

Груевски до Хајндл: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори, но без ново лицитирање со термини

За ВМРО-ДПМНЕ избори се прифатливи во секој термин, но притоа нема да се дозволи државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше во изминатиот период, истакнал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на средбата со специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајмаер, амбасадорот Јоханес Хајндл.

„Во таа насока и со цел неоправдано да не се истакнуваат изговори за неодржување на избори, СДСМ ќе мора да даде потврда и да се обврзе дека избирачкиот список е прочистен, а во периодот кој следува посветено ќе работат на подигнување на довербата во избирачкиот список, иако тој за ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил спорен сегмент“, рекол Груевски, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Груевски посочил дека за излез од политичката криза е потребна конструктивност базирана на разумно однесување, од кое полза ќе имаат граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението, истакнал дека врвен интерес за партијата е напредок во интеграциските процеси, како и спроведување на интензивната реформска агенда, во согласност со препораките на Европската Унија.