Македонија Груби побара помош од Германија во решавањето на спорот за името

Груби побара помош од Германија во решавањето на спорот за името

Претседателот на Комисијата за европски прашања, пратеникот Артан Груби, денеска со германската амбасадорка Кристине Алтхаузер разговарал за состојбата и за политичката сцена во Македонија, спорот за името, јазичната еднаквост, системските реформи и за интеграцијата во НАТО и во ЕУ.

Груби се заблагодарил за големата поддршка на Берлин за, како што се вели во соопштението, оформувањето и создавањето на една демократска Македонија која ќе биде целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ. Тој, исто така, се заблагодарил за конструктивната улогата што амбасадорката Алтхаузер ја имала за време на политичката криза.

На средбата било зборувано и за различните идеи за решавање на прашањето за името, а претникот Груби побарал помош од Берлин за надминување на овој предизвик и изразил уверување дека споровите ќе бидат решени преку системските реформи.

Груби, исто така, рекол дека постигнувањето компромис за добивање покана за членство во НАТО го отвора патот на одржлива стабилност во земјата и во регионот.

Соговорниците разговарале и за јазичната еднаквост во согласност со Охридскиот договор.