Свет Балкан Грците песимисти за брзо економско закрепнување

Грците песимисти за брзо економско закрепнување

Во Грција владее големо незадоволство од двегодишната работа на коалициската влада на СИРИЗА и Независни Грци, покажува новата анкета на јавното мислење на солунскиот универзитет „Македониа“.

Дури 81 отсто од испитаниците се изјасниле дека според нив, владата не работи добро. Незадоволни се и гласачите на СИРИЗА, од кои 62 отсто изразиле незадоволство од тоа како се покажала партијата на власт.

Според анкетата, десничарите Нова демократија и натаму предничат пред владејачката СИРИЗА. Во прогнозата на гласови, Нова демократија се смета дека ако утре има избори би освоила 33 отсто, а СИРИЗА 16,5 отсто од гласовите.

На трето место и натаму е ултрадесничарската Златна Зора со 7,5 отсто, а по неа е Комунистичката партија со 7 отсто, ПАСОК со 6,5 отсто. Анкетата покажува дека во следниот состав на собранието нема да се најдат коалициската Независни Грци, ниту Река кои имаат само 1,5 отсто.

Во државата и натаму преовладува голем песимизам за тоа како ќе се движат работите во иднина. Мнозинството од испитаниците, 87,5 отсто сметаат дека државата оди во погрешна насока, а повеќе од половина коментираат дека владата има погрешна стратегија.

Граѓаните сметаат дека грчката влада ќе се согласи на новите мерки за кои ја притискаат меѓународните кредитори.

Грчката влада периодов е повторно во теснец, бидејќи кредиторите бараат од нејзе да прифати нови мерки за да може да се затвори втората фаза од проценката на сработеното од договорените реформи.