Свет Балкан Во Грција тивок оптимизам дека преодна влада би била поволен соговорник за...

Во Грција тивок оптимизам дека преодна влада би била поволен соговорник за компромис за името

Би можела ли потенцијалната преодна влада во Македонија да помогне да се раздвижат во позитивна насока врските со Грција? Весникот „Етнос“ пренесува оценки од грчкото министерство за надворешни работи дека преодната влада би можела да помогне да се направи чекор напред во преговорите за името и полесно да се дојде до формула што би била прифатлива и за двете страни.

Сепак, покрај оптимизмот кој владее околу можноста Атина и Скопје да ги придвижат работите со преодна влада во Македонија, постојат и дипломатски оценки дека таквиот развој на настаните би можел да ги придвижи двете страни кон решение, но би можел да има и спротивен ефект.

Стравувањата, според информациите на „Етнос“, се дека ваквата ситуација би довела до „националистичко крешендо“ на Никола Груевски, кое би можело да го блокира договорот и да му даде поголема сила и поддршка на договорените априлски избори.

Грчката страна, како што пренесува весникот, под дипломатската палка на министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, планира интензивна дипломатска активност преку имплементирање на мерките за градење доверба потпишани меѓу двете страни, како академска соработка, засилена меѓугранична соработка и активирање на железничката линија Битола – Лерин.

Оваа засилена грчка дипломатска активност се смета дека е резултат на два елементи. Првиот се притисоците од американска страна и пораките на заменичката на државниот секретар, Викторија Нуланд, до Скопје и до Атина дека времето истекува и дека неопходно е до следниот самит на НАТО во јули да се најде решение.

Втората причина поради која Атина сака да биде поактивно ангажирана околу Македонија е генералната одлука на Коѕиас, Грција да не дозволи поради економската криза нејзиното влијание да падне во сенка на турското влијание на Балканоt.