Македонија Грција конечно почна да ги пушта туристите, обврската за најава 24 часа...

Грција конечно почна да ги пушта туристите, обврската за најава 24 часа претходно останува

Од 13 часот, по повеќечасовната блокада на граничниот премин „Евзони“, Грција во 13 часот по македонско време почна да ги пропушта туристите на своја територија, соопшти македонското МВР.

Досега во Грција можеа да влегуваат транспортери и други лица од С. Македонија со потврда за престој, како и медицински лица и некои други категории, а од денеска е дозволен влез и за сите граѓани, но задолжително мора да се носи потврда за вакцинација, за прележан ковид-19 или негативен ПЦР тест.

Дополнително, за влез во Грција, заинтересираните треба 24 часа пред планираното време за влез во земјата да се најават на посебниот веб-сајт.

Голем број граѓани од Северна Македонија и од Србија со часови чекаа за влез во Грција на граничниот премин „Богородица – Евзони“, а бидејќи рампите останаа спуштени до 13 часот, голем број возила со српски таблички се упатуваат кон соседна Бугарија, од каде веќе извесно време Србите може да влегуваат во Грција.