Иако беше најавено дека од денеска Грција ќе ги отвори своите граници за туристи од сите земји, вклучително и од С. Македонија, со потврда за вакцинација, за прележан ковид-19 или со негативен ПЦР тест, на граничниот премин „Богородица – Евзони“ рампата и претпладнево беше спуштена.

Претходните мерки за посетители се кренати (досега во Грција можеа да влегуваат транспортери и други лица од С. Македонија со потврда за престој, како и медицински лица и некои други категории), за туристите е неопходно 24 часа пред планираното време за влез во Грција, да се најават на посебниот веб-сајт.

Треба да се наведе детална информација од каде се тргнува, адресата на престој, како и колку време претходно заинтересираниот за влез во Грција престојувал во трети земји. За семејства се пополнува само една пријава.

По пријавувањето, од Грција на посочениот мејл ќе биде испратена потврда со QR код, а при влез во Грција, покрај ПЦР-тест, потврда за прележан ковид или за примени сите дози на вакцина, ќе мора да се покаже и мејлот со QR кодот.