Свет Балкан Грција со вето за Албанија за преговорите во ЕУ поради градоначалникот на...

Грција со вето за Албанија за преговорите во ЕУ поради градоначалникот на Химара

Грција се согласила на испраќање писмо на ЕУ до Тирана, што е прв чекор во започнувањето на пристапните преговори, со услов Албанија да мора да направи „јасен потег кон враќање на политичката волја на химарскиот електорат“, пред следната фаза во процесот

Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Грција нема да даде согласност за следната фаза на пристапните преговори за ЕУ на Албанија, ако нема напредок по прашањето за избор на градоначалникпт на Химара, Фреди Белери, потврди грчки дипломат во Брисел, а пренесе агенцијата АНА-МПА.

Согласно истите извори, ставот на Грција е јасен. Грција се согласила на испраќање писмо на ЕУ до Тирана, што е прв чекор во започнувањето на пристапните преговори, со услов Албанија да мора да направи „јасен потег кон враќање на политичката волја на химарскиот електорат“, пред следната фаза во процесот.

Истите извори истакнале дека грчката страна бара на избраниот градоначалник на Химара да му се даде дозвола да положи заклетва и да ја извршува функцијата градоначалник.

Наспроти ова, судот во Тирана го одби барањето на Белери, кој е етнички Грк, да положи заклетва како градоначалник на Химара. Тој бил одбиен од албанскиот специјален апелациски суд за корупција и организиран криминал. Белери се сомничи за изборен фалсификат. Неговото судење ќе продолжи на 19 декември. Тој беше уапсен во мај под обвинение за измама во гласањето, непосредно пред победата на општинските избори во јужниот албански регион Химара, со претежно етнички Грци.

Во меѓувреме, агендата на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, кој ќе биде подготовка за Самитот на ЕУ на 14 и 15 декември, го вклучува и проширувањето на ЕУ и пристапниот напредок на земјите од Западен Балкан. Можноста да се одвојат Албанија и С. Македонија во пристапниот процес, останува отворена и голема.

Според нацрт-заклучоците на Самитот, европските лидери ќе ја потврдат својата целосна и неоспорна посветеност за влез на Западен Балкан во ЕУ и ќе повикаат на забрзување на процесите на пристапување. Преговорите со Босна и Херцеговина ќе започнат откако ќе се исполнат критериумите.