Дописници Грчкото собрание денеска ќе гласа за септемврискиот пакет мерки

Грчкото собрание денеска ќе гласа за септемврискиот пакет мерки

Грчкото собрание вечерва ќе гласа дел од новиот пакет мерки договорени со европските кредитори, неопходни за да се одобри ратата од 2,8 милијарди евра од европскиот кредит за Грција. Пратениците ќе треба да одобрат мерки со кои има дополнителни намалувања на пензиите, зголемување на даноците за хотелиерите и за тие што издаваат соби, намалување на даночните поволности за хонорарните работници и за самовработените, како и формирање нов фонд за приватизација.

Фондот во кој влегуваат големи државни компании е најспорната мерка, кој мора да добие зелено светло. Во фондот ќе бидат вклучени компанијата за водостопанство, јавните сообраќајни претпријатија во Атина, компанијата за електродистрибуција и компанијата за изработка на возила и на автобуси.

Формирањето на ваквиот фонд кој европските кредитори бараа да биде првично под странска контрола и со седиште во Германија, наиде на огромни реакции од вработените во овие државни компании. Вработените во компанијата за водостопанство денеска имаат 24-часовен штрајк и вечерва планираат протест пред Собранието за време на гласањето на мерките. Оттаму реагираат дека нема да дозволат приватизирање на компанијата и зголемување на цената за водата.

Грчкиот министер за финансии, Евклидис Цакалотос, во обид да ги смири духовите, истакна дека фондот ќе биде само за подобро управување со државните компании, а не за приватизација. Цакалотос вети дека додека е тој министер за финасии, нема да дозволи приватизација на компанијата за водостопанство.