Свет Балкан Грчките земјоделци можно е да го блокираат граничниот премин кај Дојран

Грчките земјоделци можно е да го блокираат граничниот премин кај Дојран

Грчките земјоделци можно е денеска да го блокираат граничниот премин кај Дојран од 11 до 13 часот по македонско време. Според најавите на земјоделците од областа околу Кукуш, планирано е или да се блокира автопатот Солун – Петрич или, пак, да се блокира граничниот премин Дојран – Дојрани.

Во областа кај Кукуш се собрани околу 450 трактори и земјоделци, кои наизменично блокираат разни делови од автопатиштата кон Бугарија и Македонија. Засега нема најава за блокада на Богородица, меѓутоа не е исклучено ни тоа. Блокадите се од 12 до 14 часот и од 19 до 21 часот по локално време.

Земјоделците од цела Грција утре ќе се соберат на голем состанок во Солун, каде ќе одлучат за следните чекори на протестите. Под знак прашалник е и дали ќе останат на идејата да се состанат со премиерот Алексис Ципрас по изјавите од грчката влада кои не влеваат оптимизам дека може да се повлече новиот закон за здравствено и за пензиско осигурување, кој е нивно главно барање и црвена линија.