Македонија Граѓаните на бесплатен број може да ги пријавуваат трговците што драстично ги...

Граѓаните на бесплатен број може да ги пријавуваат трговците што драстично ги зголемуваат цените

Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните на бесплатниот телефонски број 191 да ги пријавуваат трговците што драстично ги зголемуваат цените на на основните прехранбени производи.

Бројот е на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

„На оваа бесплатна телефонска линија сите граѓани можат да пријават неправилности кај трговците кои што не ја почитуваат Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи“, напиша на својот Фејсбук профил министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што информираше министерот, согласно Одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало која што е објавена во Службен весник, започнувајќи од 06.12.2021 година се замрзнуваат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало на:

  • леб;
  • шеќер;
  • брашно – тип 400;
  • сончогледово масло за јадење;
  • трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%;
  • свежо месо и сувомеснати производи;
  • сирење и урда.

Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година, напиша министерот Бектеши на својот Фејсбук профил.