Дописници Граѓанскиот сектор бара поголема транспарентност во јавните набавки

Граѓанскиот сектор бара поголема транспарентност во јавните набавки

Општина Штип не успеала да реализира ниту половина од планираните јавни набавки, а најниската цена како главен критериум за доделување договори, се јавува како проблем што ја усложнува реализацијата на набавката, се дел од забелешките од набљудувањето на јавни набавки што го спроведе невладината организација „Фондација за развој на локалната заедница“ од Штип.

Според резултатите од надгледувањето, фирмите кои учествувале на огласите за јавни набавки на Општина Штип, се соочиле со високи износи на банкарската гаранција или, пак, со неусогласени техничи спецификации во однос на реалните. Дел од постапките доцнеле во однос на временската рамка, проектирана во годишниот план за јавни набавки.

– Фондацијата за развој на локалната заедница, препорачува Општината да ги објавува сите информации за јавните набавки и финансиските текови, но, исто така, треба и повеќе да го почитува планот за јавни набавки – вели Зоран Јованов од Фондацијата.

Според истражувањето, недостаток е и тоа што постои проблем со достапноста на финансиските документи за учество во постапките за јавни набавки и тоа што граѓаните немаат можност на поедноставен и потранспарентен начин да се информираат за финансиското работење на Општината.

Истражувањето е реализирано во рамките на проектот „Граѓанска мрежа на интереси во јавната администрација“.

В.К.