На денешната владина седница се донесе одлука, на Град Скопје да му се даде на трајно користење, топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, „Градски енергетски системи“ (ГЕС).
„Градот Скопје преку АД „ГЕС-Скопје“ ќе спроведува мерки за намалување на аерозагадувањето во градот кое е последица на затоплувањето на објектите, на среден рок преку развој и проширување на топлификационата мрежа, давање субвенции за приклучување, подобрување на енегетската ефикасност на објектите, намалување на потрошувачката на енергија преку регулација, како и изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас“, информираат од Град Скопје.
Од таму додаваат дека „ГЕС“ ќе овозможи обмислени градски енергетски политики, одговорен пристап кон енергетската ефикасност и рационален пристап во комбинирањето на топлификациската и гасоводната мрежа низ градот.