Македонија Град Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булевар АСНОМ и...

Град Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булевар АСНОМ и Пластичарската улица

Градските власти викендов ја завршија првата фаза од реконструкцијата на булеварите АСНОМ и Никола Карев (Пластичарска улица), информираат од Град Скопје.

Булеварот АСНОМ е реконструиран и проширен на потегот од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак.

„Проширениот булевар добива по 3 коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот и средишно зеленило“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Во следната фаза од овој проект, булеварот АСНОМ преку новиот мост на реката Вардар треба да се поврзе со населбата Ќерамидница во општина Гази Баба, за што веќе се изведуваат планираните градежни работи.

Паралелно со ова, екипи на Град Скопје викендов ја финализираа првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, односно познатата Пластичарска улица.

„Скопје добива уште една современа сообраќајница која има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило“, информираат градските власти.

Овој булевар е реконструиран и проширен на потегот од клучката Бит-пазар до влезот во касарната Илинден, во вкупна должина од 1.440 метри. Поставена е атмосферска канализација на Пластичарската улица, а извршена е и целосна реконструкција на другите подземни инсталации.

Градот Скопје во моментов работи на проектирање на втората фаза, која ќе опфати реконструкција на булеварот од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, како и изградбата на голема клучка кај Тетовска трошарина.