Македонија Град Скопје бара нови приватни превозници што ќе возат на линиите „20“...

Град Скопје бара нови приватни превозници што ќе возат на линиите „20“ и „22“

Фото: Мета.мк

Градот Скопје денеска го објави огласот за доделување пакет линии и за давање на дозволи за линиски превоз на патници на територијата на главниот град. Градските власти бараат приватни превозници за линиите „20“ и „22“, при што пакетот на линии ќе им се додели на оние превозници што ќе обезбедат минимум 20 автобуси и 44 возачи за одржување на двете градски линии.

За да може превозникот да ја добие линијата „20“, неопходно е да има минимум 10 автобуси и 23 возачи, додека за одржување на линијата „22“ се потребни 10 автобуси и 21 возач. Како и досега, линијата „22“ идниот приватен превозник ќе треба да ја одржува заедно со ЈСП-Скопје.

Пријавите за доделување пакет линии и за давање на дозволи за линиски превоз на патници ќе треба да се достават најдоцна до 10 јануари 2023 година, а отворањето на поднесените пријави ќе се одржи на 16 јануари.

Пакетот на линии утврдени од овој оглас ќе се доделат за период до две години, со можност за продолжување на договорот, но не повеќе од вкупно пет години.

Право на учество на јавниот оглас за доделување на пакетот линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје од доделениот пакет имаат превозници – правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите утврдени во документацијата за јавниот оглас и ќе достават банкарска гаранција или ќе го уплатат гарантниот депозит за учество на јавниот оглас.

Инаку, потегот за објавување на јавниот оглас за избор на нови приватни превозници од Град Скопје следи откако „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ си ги побараа неисплатените средства од 1,5 милиони евра за досегашното одржување на овие линии. Овие приватни превозници сопреа да сообраќаат на градско-приградските линии во Скопје, што доведе до метеж во автобусите на ЈСП, но и до потребата Јавното сообраќајно претпријатие да ги покрива линиите на кои возеа „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Поради неодржување на линиите, од Град Скопје соопштија дека автоматски им се прекинуваат договорите на досегашните приватни превозници, а им порачаа на возачите индивидуално да си аплицираат на новиот оглас за избор на приватни превозници. Од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ пак со автобуси четири дена од изминатава недела блокираа три сообраќајници во Скопје, а од денеска приватните автобуси ги префрлија целосно пред градските бараки на булеварот „Илинден“.