Економија Град Скопје нема да презема мерки за неплатен данок на имот и...

Град Скопје нема да презема мерки за неплатен данок на имот и фирмарина

Град Скопје ги демантира дезинформациите во одредени медиуми и ги информира граѓаните дека решенијата за данок на имот и фирмарина кои што сега поштенски пристигнуваат на нивните адреси, биле испратени пред да се случи епидемијата со корона вирусот, но поради новонастанатата состојба, нема да презема дополнителни мерки кон даночните обврзници.

„Градот Скопје, согласно со одредбите на Законот за даноци на имот и Законот за комунални такси, на почетокот на месец март како и секоја година почна со процесот на достава на решенијата за данок на имот до сите физички и правни лица на територијата на град Скопје, како и решенијата за комунална такса-фирмарина до сите правни лица регистрирани на територијата на град Скопје. Истовремено, се доставија и опомени за неплатени решенија за данок на имот и фирмарина за 2019 година на сите обврзници, кои не го подмириле долгот за 2019 година, но по кои нема да се постапува се додека важат препораките на Владата,“ велат од Град Скопје.

Градот Скопје уште еднаш потенцира дека нема да презема никакви дополнителни мерки, вклучително и присилна наплата, кон сите даночни обврзници во Скопје што имаат неподмирени долгови, додека траат препораките и мерките на Владата и Министерството за здравство, а се однесуваат на спречување на ширењето на корона вирусот.