Дописници Гори шума во близина на воените магацини на полигонот Пенуш

Гори шума во близина на воените магацини на полигонот Пенуш

Стотина војници на Армијата на Република Македонија (АРМ) и пожарникари од штипската противпожарна единица се обидуваат да го изгаснат пожарот, што денеска околу пладне зафатил околу 50 хектари нискостеблеста шума во близина на воениот полигон Пенуш.

Пожарот е меѓу селата Софилари и Драгоево, а непристапниот терен и силниот ветер го отежнуваат гаснењето на огнот.

Дополнителен проблем е што пожарот се доближува до воените магацини во Пенуш. Жителите стравуваат дека пожарот може да се прошири на планината Серта, на која секоја година пожари уништуваат неколку десетици хектари млада шума.

Пред три години, во ова подрачје во пожар изгореа 500 хектари шума, а интервенцијата на надлежните за ставање на огнената стихија под контрола траеше три дена.