Македонија Гори магацин во тетовско со 100 тони бои и лакови, жителите да...

Гори магацин во тетовско со 100 тони бои и лакови, жителите да затворат прозорци

„Локалните жители да не излегуваат од дома без потреба бидејќи има многу штетни материи во воздухот“, предупредуваат од ЦУК

Фото: ЦУК

Околу сто тони бои и лакови горат складирани во магацин кај тетовското село Фалише. Како што пред малку информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, во 10 часот и 30 минути добиле информација за пожар во фирмата за бои и лакови „Евроком“.

„Се работи за голема количина, можеби и сто тони бои и лакови кои се зафатени од огнот и мислам дека сите се изгорени. По информацијата, веднаш се упатија противпожарни возила од Скопје, Тетово, Велес и Куманово. Постои опасност целата зграда да се сруши, како и ѕидовите, па затоа баравме да се забрани движење по околните улички за да не настрада некој и сите кои немаат работа да се оддалечат од овде“, рече во изјава директорот Ангелов.

Фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Тој предупреди дека квалитетот на воздухот во овој дел е многу низок.

„Населението да не отвора прозорци и да не се движи надвор. Зборував со одговорните во Министерството за животна средина и просторно планирање, тие немаат станица која би ни дала информација за квалитетот на воздухот. Стапивме во контакт со АРМ, баравме контакт со тимот од биолошко и хемиско оружје кои минатиот пат ги искористивме за испитување на евентуални отрови на воздухот“, додаде Ангелов.

Препораките за локалното население, кое живее во радиус од два километри, се да не се излегува од дома без потреба, со оглед на фактот дека во моментов во воздухот има јаглен моноксид, јаглен диоксид и други штетни материи.