Свет Европа Голем пожар во зградата на старата Берза во Копенхаген

Голем пожар во зградата на старата Берза во Копенхаген

Драматичните снимки покажуваат облаци од црн чад што се издигаат од зградата која беше во процес на реновирање. Полицијата во Копенхаген соопшти дека го блокирала главниот пат и дел од центарот на градот

Alf van Beem, CC0, via Wikimedia Commons

Голем пожар избувна утрово во зградата на поранешната Берза во Копенхаген од 17 век – една од најпознатите знаменитости на данската престолнина. Пожарот го проголта кровот на историскиот објект и го урна неговиот карактеристичен врв, пренесе Гардијан.

„Сведоци сме на страшен спектакл. Берзата гори“, напиша на социјалната мрежа „Х“ данската Стопанска комора, која ја зазема зградата до палатата Кристијансборг, седиштето на данскиот парламент.

Драматичните снимки покажуваат облаци од црн чад што се издигаат од зградата која беше во процес на реновирање. Полицијата во Копенхаген соопшти дека го блокирала главниот пат и дел од центарот на градот.

Противпожарната служба на данската престолнина соопшти дека пожарот бил пријавен утрово околу 7 часот и 30 минути, а огромното скеле околу зградата го отежнувало справувањето со пламенот.

Министерот за култура на Данска, Јакоб Енгел-Шмит, на „Х“ напиша дека „400 години данско културно наследство се во пламен“.

Зградата била нарачана од кралот Кристијан Четврти и била изградена помеѓу 1619 и 1640 година. Данската берза била сместена таму до 1970-тите години.

Причината за пожарот засега е непозната.