Свет Голем пожар во центарот на Каиро, повредени 81 лице

Голем пожар во центарот на Каиро, повредени 81 лице

Во пожарот во центарот на Каиро повредени се 81 лице, меѓу кои има и пожарникари, потврдија египетски официјални лица.

Пожарот избил во текот на ноќта во хотелот „Ал Моски“, недалеку од џамијата „Ал Азхар“ и бргу се проширил на четири околни згради.

Во кругот на деловниот комплекс во кој се случил пожарот има и складишта со лесно запаливи материјали кои се користат за произведување пластика, поради што пожарот полесно се проширил.

Началникот на пожарникарната полиција, Гамал Халава, изјави дека до пладне огнот бил ставен под контрола, наведувајќи дека 16 пожарникари биле хоспитализирани поради труење со дим.

Портпаролот на Министерството за здравство, Калед Мегахед, рече дека вкупно 81 лице се добиле полесни повреди, а поголемиот дел од нив се затруени од вдишување дим или добиле повреди во текот на евакуацијата.