Свет Балкан Германска помош за обезбедување на бугарската граница од напливот на мигранти

Германска помош за обезбедување на бугарската граница од напливот на мигранти

Бугарија чека помош од Германија за да се справи со илегалните мигранти. Во план е да се изградат кампови во близина на пограничните реони, а се очекува осум џипови да пристигнат од Германија. Ова го изјави бугарската министерка за внатрешни работи, Румјана Бачварова, по нејзината посета на јужната граница, каде што е поставена ограда.

Новите машини за изградба на камповите треба да пристигнат во ноември, а нив лично ги ветила германската канцеларка Ангела Меркел. Освен тоа, Бугарија ќе добие и камери и автобуси.

За неколку дена треба да пристигнат џиповите кои се стари, но во добра состојба. Дел од британските џипови, испратени од поранешниот премиер на Велика Британија, Дејвид Камерон, во мај оваа година, веќе се оштетени.

Министерката Бачварова вети дека Бугарија ќе се обиде да се справи со кризата преку постоечките бегалски центри и потврди дека не е планирана изградба на нови.

Таа истакна дека во споредба со минатата година, бројот на мигранти што ја поминале бугарско-турската граница се зголемил за 30 отсто.