Свет Европа Германија зимоска ќе реактивира електрани на лигнит за да зачува гас

Германија зимоска ќе реактивира електрани на лигнит за да зачува гас

Три електрани ќе бидат активирани како резерва од периодот од октомври до март 2024

Фото: Image by Arnold Paul cropped by Gralo, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Германската влада одлучи повторно привремено да активира три електрани на лигнит во периодот од октомври до март 2024, известува Блумберг.

Истата практика беше применета и претходната зима.

Оваа одлука е донесена за да се зачува земен гас, за да не дојде до недостиг на струја во следната грејна сезона.

Според Ројтерс, недостигот на гас кој се компензира со оваа мерка е директна последица на скратувањето на увезениот гас од Русија по војната во Украина.

Со оваа мерка, ќе се задржи доволно лигнит во резерва за да се произведат околу 1,9 гигавати струја, надвор од постојните 45 гигавати произведени од електраните на јаглен во Германија.

Инаку, горењето лигнит е еден од најштетните начини за произведување струја во однос на импактот по климатските промени. Но, германската влада изјави дека оваа одлука нема да има никакво влијание ниту врз климатските таргети, ниту врз целта на Германија целосно да престане да гори јаглен до 2030 година.