Свет Европа Германија ги охрабрува Холандија и Франција да дадат зелено светло за Македонија...

Германија ги охрабрува Холандија и Франција да дадат зелено светло за Македонија во ЕУ

Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, е оптимист и смета дека министрите за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург можат да постигнат договор околу преговорите на Македонија и Албанија со Унијата. Пред средбата на шефовите на дипломатиите, Рот изјави дека двете земји направиле „забележителен напредок во сферата на владеење на правото и независноста на судството“ и дека поради тоа Германија дава поддршка за почеток на преговори.

-Германската Влада е подготвена да ги поддржи Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ. Подготвени сме да дадеме зелено светло и би сакал да ги охрабрам и нашите пријатели во Холандија и Франција да ни се придружат и да не му стојат на патот на неопходниот консензус – изјави Рот пред денешната средба во Луксембург.

На новинарско прашање дали очекува тоа да се случи денеска, Рот вели дека не е сосема сигурен, но оти се надева дека ќе се случи и оти е воздржан оптимист и додаде дека стабилноста, мирот и демократијата на Западен Балкан е клучна за сите во ЕУ.

-Затоа високо ги цениме напорите што ги преземаат и Македонија и Албанија за зајакнување на владеењето на правото, независно судство, борбата против корупцијата – рече Рот.