Свет Европа Германците имаат најмногу страв од зголемувањето на цените

Германците имаат најмногу страв од зголемувањето на цените

Две третини од учесниците на анкетата во истражувањето изработено за долгорочната студија „Стравовите на Германците“ рекле дека се плашат од зголемувањето на цените

Foto: Monika Skolimowska/dpa

Зголемувањето на трошоците за живот е најголемата грижа на луѓето во Германија, покажуваат резултатите од едно истражување. Две третини од учесниците на анкетата (65 отсто) рекле дека се плашат од зголемувањето на цените, пишува германската новинска агенција ДПА. 

Истражувањето е изработено за долгорочната студија „Стравовите на Германците“.

На второто и третото место на ранг-листата се грижите поради поскапувањата – 60 отсто од граѓаните стравуваат дека нема да можат да си го платат станот, а 57 отсто дека државата на долга патека ќе ги зголеми даноците или ќе ги намали социјалните трансфери.

Истражувањето „Стравовите на Германците“ редовно се спроведува повеќе од 30 години од Р+В-Осигурување и се смета за мал сеизмограф на осетливоста на луѓето во врска со политиката, економијата, семејството и здравјето.

Оваа година во истражувањето од јуни до август учествувале 2.400 лица постари од 14 години.

Стравот од зголемувањето на трошоците за живот редовно е помеѓу најголемите грижи, па така беше и минатата година.

Германија после нападот на Русија врз Украина имаше најголема инфлација од крајот на четириесеттите години на минатиот век. Цените растат и оваа година – што може да се увиди и на касите во супермаркетите.

Луѓето чувствуваат дека им се загрозени егзистенцијата и животниот стандард, што поттикнува стравови од загуба на социјалниот статус, изјави политиколог Изабел Боруцки, која учествувала во изработка на студијата.

Оваа година на листата пораснале особено два страва во однос на минатата година: страв дека Германците и германските власти ќе бидат преоптеретени со бегалците кој е поголем за 11 отсто и стравот дека соживотот во Германија се влошува поради понатамошниот прилив на мигранти – од што се плашат за 10 отсто повеќе луѓе. Овие два страва се на четврто, односно дванаесетто место на листата на стравови.