Свет Балкан Форум за води во Приштина: Панелист и предавач, Дејан Паноски од Македонија

Форум за води во Приштина: Панелист и предавач, Дејан Паноски од Македонија

Во Приштина се одржува „Форум за води“, во организација на Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ), потпомогнат и од Иницијативата за безбедност и животна средина (Environment and Security Initiative – ENVSEC).

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат (Македонија-Албанија) за заштита на Охридско Езеро, појаснува дека на форумот главни теми се ефикасното управување со водите, особено во прекуграничен аспект и еколошката дипломатија и дипломатијата за води како носители на процесите во регионот на Југоисточна Европа.

Пановски ќе биде и панел-дискутант на темата „Еко-дипломатија и дипломатија за води“, при што ќе одржи предавање за искуствата со еко-дипломатијата околу Дримскиот Басен, начинот на спроведување на Дримскиот дијалог, потпишувањето на Меморандумот за Дримскиот Басен и еко-дипломатијата околу одобрувањето на Дримскиот проект од страна на Глобалниот еколошки фонд од Вашингтон.

– Комплексноста во управувањето со водените ресурси и интересите околу нив бара користење на еко-дипломатијата на неколку нивоа. Искуствата што ги имаме може да помогнат во управувањето со предизвиците на потенцијалните конфликти помеѓу науката, менаџерството и политиката, но и конфликтите поврзани со националните интереси во сливови кои се споделени меѓу неколку земји. Водите се круцијална потреба од низа аспекти и сектори и потенцијал или за конфликт или за соработка – вели Пановски.