Македонија ФООМ ги додели наградите од конкурсите „Моето образование“ и „Успешни наставници“

ФООМ ги додели наградите од конкурсите „Моето образование“ и „Успешни наставници“

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) денеска ги врачи наградите на најдобрите средношколци и наставници наградени во конкурсите „Моето образование“ и „Успешни наставници за добри наставни пракси“.

На церемонијата зборуваа Фани Каранфилова – Пановска, извршна директорка на ФООМ, како и Петар Атанасов, заменик министер за образование и наука.

-Oбразованието е една од клучните области кои Фондацијата ги поддржува. Во своето 26-годишно постоење, Фондацијата отворено општество – Македонија вложи околу 32 милиони долари во поддршката на програмите за образование од кои половината беа обезбедени во соработка со други донатори. Инвестирањето во квалитетно инклузивно образование за ФООМ е предуслов за градење отворено демократско општество, а образованието е промотор на социјалната кохезија. Училиштата, од друга страна пак, треба да се природни средини во кои сите ученици ќе се чувствуваат добредојдени и ќе имаат можност максимално да ги искористат своите потенцијали за учество, учење и напредување – рече Каранфилова – Пановска.

Според заменик – министерот за образование и наука, образованието има потреба од сериозни реформи, и токму затоа треба да се слушнат забелешките и од учениците и од наставниците.

-Системот на образование има потреба од сериозни реформи. Образованието мора да одговара на новото, напредно и изменето општество и да ги следи трендовите, сите застарени работи кои постојат треба итно да се променат. Мојот сон е да ви помогнеме да добиете што подобро образование.И наставниците се важен дел од образовниот процес, а овој конкурс е доказ дека тие треба да се наградуваат и да се мотивираат, бидејќи наставниците се оние кои се носители на процесот на промени и треба да се поддржат – рече Атанасов.

Фондацијата ги распиша конкурсите на крајот на минатата година, а на нив учествуваа 39 средношколци и 112 наставници од цела Македонија, а наградени беа 11 трудови на средношколци и 9 наставници заедно со нивните училишта.

Во своите обраќања, средношколците читајќи делови од своите наградени есеи ја потенцираа желбата да придонесат кон подобро образование, подобри училишта, наставници, услови. Тие ги посочија проблемите со кои се среќаваат во образовниот систем, но и нудат решенија, а со цел сегашните и идни генерации ученици да се стекнат со што е можно поквалитетно образование.