Македонија Фондацијата Метаморфозис ќе ѝ помогне на Владата да ја подготви новата Стратегија...

Фондацијата Метаморфозис ќе ѝ помогне на Владата да ја подготви новата Стратегија за транспарентност

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, Бардил Јашари и заменик-премиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска потпишаа Меморандум за соработка. Целта е подготовка на нова Стратегија за транспарентност, која ќе придонесе кон подобрување на транспарентноста и отчетноста на Владата и институциите врз основа на принципите за соработка со граѓанското општество и размена на знаења и искуства.

„Оваа соработка има за цел да создаде нова Стратегија за владина транспарентност, со која ќе се дефинира стратешката рамка, но и планот на активности и потребните ресурси за нејзино спроведување. За Фондацијата Метаморфозис, подготовката на стратегијата претставува многу важен чекор, но уште поважна ќе биде нејзината имплементација, што конкретно ќе придонесе за подобрување на транспарентноста и отчетноста на Владата и владините институции. Тоа би влијаело на растот на сега разнишаната доверба на граѓаните во државните институции и на натамошно зајакнување на демократијата воопшто“, изјави извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

Стратегијата за транспарентност ќе има за цел да ги поврзе и усогласи веќе донесените политики, кои на директен или индиректен начин имаат за цел да ја подобрат транспарентноста на институциите, но и да даде нови насоки за подобрување на транспарентноста на институциите. Со креирањето на овој стратешки документ, правилата за комуникација на институциите со граѓаните и начелото на транспарентност ќе бидат операционализирани и унапредени. Целта на Стратегијата за транспарентност на Владата, која ќе биде подготвена во консултативен процес со засегнатите страни со поддршка од Фондацијата Метаморфозис, е да донесе системски промени во насока на доброто управување.

Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија ќе биде подготвена преку широк консултативен процес, соопштија од владината прес-служба.