Македонија Филипче: Бројот на загинатите е 14, не 15, а седум се во...

Филипче: Бројот на загинатите е 14, не 15, а седум се во критична состојба

Не се основани шпекулациите дека починал уште еден од повредените во вчерашната автобуска несреќа, и дека бројката се искачила на 15 загинати, соопшти министерот за здравство Венко Филипче претпладнево, по посетата заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи, кој инаку е хирург, на полесно повредените кои се хоспитализирани во скопската Градска болница „8 Септември“.

Премиерот Заев се заблагодари и на итната помош, на полицијата и пожарникарите, како и на „8 Септември“ и на Клиничкиот центар, како и на тетовската болница, но исто така и на локалното население што прво притрчано да помага на повредените.

– Сакам да се заблагодарам на „8 Септември“ каде сме сега, на Клиничките центри, сите други јавни институции и во Тетово и во Гостивар, но и на полицајците и пожарникарите и на сите други јавни служби кои беа со желбата да помогнат на луѓето и да учествуваат во нивното спасување.  Сакам да се заблагодарам од името на Владата за солидарноста и хуманоста на нашите сограѓани од селото кошто притрчаа во првиот момент и буквално покажаа човечност, големина. Владата е подготвена да помогне за се што треба, за повредените, секако и за семејствата на загинатите. Навистина огромна трагедија, која ја обви во тага целата наша земја – порача премиерот Заев.

И министерот Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите, како и благодарност до локалното население.

Тој уверуваше дека сите возила на Итна помош од Скопје веднаш по дојавата се упатиле кон местото каде излета и се преврте автобусот на Дурмо Турс и изрази огромна благодарност до приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Неуромедика“ бидејќи веднаш ги испратиле своите возила за Итна помош за да помогнат во помагањето и превезувањето на повредените.

-Исклучително брзо и промптно реагираше службата за Итна помош, на ефикасен и професионален начин дадоа брза помош. Мора да дадам благодарноста на двете приватни болници кои излегоа во пресрет со нивните амбулантски возила и ги транспортираа повредените овде во „8 Септември“. 80 отсто од персоналот беше на работа за вмногу краток временски интервал од 15 минути и се организираше системот, се направи тријажа и се сместија во соодветните оддели за лекување тука и во Клиничкиот центар. Во овој момент во „8 Септември“ има четири пациенти кои се во одделот за интензивна нега и се во критична состојба, и уште тројца пациенти кои се во Клиничкиот центар во одделот за интензивна, врз кои во текот на ноќта се изврши хируршка интервенција и тие утрово се во критична состојба. Искрено се надевам дека овие 7 пациенти ќе ја надминат оваа криза и понатаму ќе го продолжат лекувањето – рече Филипче, појаснувајќи дека ноќеска е оперирана уште една пациентка во „8 Септември“ која уште е во критична состојба.