Свет Балкан Европскиот парламент го повика Косово на засилена борба со корупцијата

Европскиот парламент го повика Косово на засилена борба со корупцијата

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ја усвои предлог-резолуцијата за Косово со 40 гласови „за“, 12 „против“ и со пет „воздржани“.

– Денешното гласање повторно праќа силен сигнал дека иднината на независно Косово е во Европската Унија. Со само неколку чекори до либерализација на визниот режим, извештајот ги охрабрува сите политички страни на Косово да продолжат со својата работа на конструктивен начин и во европски дух – изјави потпретседателката на Европскиот парламент и известувачка на Европскиот парламент за Косово, Улрике Луначек.

Сепак, таа оцени дека и на двете страни недостига имплементација на договорите кои се постигнати во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Таа изрази незадоволство од начинот на кој српските власти управуваат со премините, спогодбите за енергетика и со катастарот, но и поради тоа што косовските власти не ја оформиле Заедницата на српски општини (ЗСО).

Луначек изрази надеж дека косовското собрание што побргу ќе ја ратификува спогодбата за демаркација со Црна Гора, потсетувајќи дека тоа е последната пречка за добивање визна либерализација.

Таа, исто така, ги повика пратениците од Српска листа да дејствуваат како граѓани на Косово, а не според мислењето на Белград и да се вратат во Собрание за да помогнат во изгласувањето на другите спогодби, меѓу кои е и законот за верски заедници.

Луначек подвлече дека независноста на Косово е иреверзибилна и дека нема повлекување.

Европските пратеници нагласија дека Косово треба да вложи повеќе напори во борбата против организираниот криминал и корупцијата.