Македонија Европската комисија потврди: Хан ќе дојде во Скопје

Европската комисија потврди: Хан ќе дојде во Скопје

Европската комисија денеска потврди дека еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ќе го посети Скопје во текот на месецов, но засега не открива кога ќе се случи тоа.

– Јоханес Хан ќе го посети Скопје, но кога тоа точно ќе се случи, сè уште не можам да потврдат – соопшти Кетрин Реј, портпаролката на Европската комисија,.

Реј, сепак, не откри детали за писмото што Хан го испрати пред две недели до лидерите потписници на Договорот од Пржино, но рече дека за време на посетата ќе се разговара за напредокот во имплементацијата на договорените точки.

Премиерот Никола Груевски вчера, исто така, потврди дека Хан ќе го посети Скопје, но не откри за што конкретно ќе разговараат.

На 11 јануари во Скопје треба да допатуваат и европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, кои заедно со Хан посредуваа во постигнувањето на договорот од Пржино. Бриселските политичари, за кои не се знае дали ќе допатуваат заедно со Хан, ќе се обидат да го откочат дијалогот за спроведувањето на Договорот од Пржино, кој закочи кај медиумите, целосното спроведување на договореното за ДИК, како и кај работата на Анкетната комисија за преслушуваните разговори.