Подглавна секција Евакуирани цивили од фабриката „Азовстал“ во Мариупол, Зеленски се сретна со Пелоси

Евакуирани цивили од фабриката „Азовстал“ во Мариупол, Зеленски се сретна со Пелоси

фото: „Укринформ“

Дваесеттина цивили, меѓу кои и жени и деца, се евакуирани од фабриката за челик „Азовстал“ во украинскиот град Мариупол, која е уништена од руското гранатирање, јавува „Укринформ“.

Заменик-командантот на Азовскиот полк, Свјатослав Паламар, рече дека војниците ја продолжуваат акцијата за спасување, со јажиња вадејќи цивили од урнатините – стари лица, жени и деца.

„Нагласувам дека бараме да се гарантира евакуација не само на цивилите, туку и на нашите ранети војници на кои им е потребна медицинска помош“, рече Паламар.

Како што пренесува „Укринформ“, руските војници предизвикале голема хуманитарна катастрофа во Мариупол. Напаѓачите бомбардирале невооружени жители и ја блокирале хуманитарната помош.

Во фабриката за челик „Азовстал“ има околу илјада цивили и украински војници, меѓу кои и 600 ранети. Украинските власти бараат Русија да обезбеди итен хуманитарен коридор од опколената фабрика.

„Укринформ“ јави и дека Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Кијив се сретнал со претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која отпатува во посета на Украина.

Зеленски на средбата истакна дека поддршката на САД е многу важна и се заблагодари за напорите за заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Јас сум благодарен за овој сигнал за силна поддршка од САД, народот и Конгресот. Високо го ценам овој сигнал како претседател, како и нашиот тим и народот на Украина. Ова покажува дека САД денес ја поддржуваат Украина во војната против руската агресија“, истакна Зеленски.

Пелоси на средбата истакна дека Украина херојски се бори за слобода, а САД се подготвени да ѝ помогнат на земјата додека оваа борба не заврши. Според неа, Украина е „граница на слободата“.

„Тука сме во посета за да ви се заблагодариме за вашата борба за слобода. Вашата борба е борба за сите. Затоа, наша обврска е да бидеме тука за вас додека не заврши борбата“, истакна Пелоси.