Свет Балкан ЕУРОПОЛ: 37 уапсени, сузбиена балканска криминална група трговци на дрога и оружје

ЕУРОПОЛ: 37 уапсени, сузбиена балканска криминална група трговци на дрога и оружје

Водачот на групата ги оркестрирал криминалните активности од затворска ќелија

Фото: ЕУРОПОЛ

Вкупно 37 осомничени, меѓу кои и водачот на криминална банда која тргувала со оружје и со дрога, босански државјанин, кој е веќе в затвор и се смета за личност од висок ризик, се уапсени во координирана меѓународна операција, соопшти ЕУРОПОЛ.

Балканската криминална организација е сузбиена во серија синхронизирани рации спроведени на 24 мај во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Холандија, Италија, Белгија и Германија. Операциите беа координирани од командниот центар во Загреб, Хрватска, со поддршка од офицерите на ЕУРОПОЛ на терен.

Водачот на бандата ги организирал криминалните активности од затворска ќелија. Оттаму издавал наредби и инструкции на своите подредени во врска со трговијата со дрога и огнено оружје.

Рациите се извршени на различни локации, вклучително и затворската ќелија на водачот во Белгија, во гаража во Холандија користена за прикривање кокаин и во повеќе простории во Хрватска, Германија, Словенија и Босна и Херцеговина, каде што се чувале дрога, огнено оружје и експлозиви.

Извршени се вкупно 37 апсења, конфискувани се 148.000 евра во готовина, запленети се 18 парчиња оружје (вклучително и 2 митралеза) и 2.512 парчиња муниција. Пронајдени се и 500 грама ТНТ експлозив со далечински детонатори, како и над 15 килограми кокаин, 11 килограми хероин, 3 килограми амфетамин, 7 килограми марихуана, 10 килограми хашиш, полициски униформи и фалсификувани документи за идентификација.