Свет Европа ЕУ нема да потклекне под заканите на Велика Британија, вели Туск

ЕУ нема да потклекне под заканите на Велика Британија, вели Туск

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека ЕУ нема да потклекне пред „заканите“ на Велика Британија дека земјата е подготвена да ги напушти преговорите за Брексит без да постигне договор со нив.

Туск истакна дека за ЕУ ништо не значат заканите на Велика Британија.

– Нас нема да нè уплашат заканите и можам да ве уверам дека тие едноставно немаат ефект – рече претседателот на Европскиот совет во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур.

Туск слична порака упати и преку „Твитер“.

„Нема да нè уплашат заканите дека непостигнувањето договор за Брексит е добро за Обединетото Кралство, а лошо за ЕУ. Непостигнувањето договор е лошо за сите, пред сè за Британија“, напиша Туск на „Твитер“.

Тој додаде дека главна цел е и мора да биде зајакнување на меѓусебната доверба и на единството меѓу 27 членки на ЕУ.