Свет Европа ЕУ не ја гледа мигрантската криза со скрстени раце, вели Хан

ЕУ не ја гледа мигрантската криза со скрстени раце, вели Хан

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, го отфрли впечатокот дека ЕУ, во врска со мигрантите, само гледа со скрстени раце.

Тој, во интервју за виенскиот весник „Курир“, истакна дека без мерките во ЕУ денеска ќе имаше многу повеќе мигранти. Тој порача дека неопходно е да се зајакне Африка за да се заштити Европа.

Во интервјуто, Хан наведува дека бројот на мигрантите на медитеранската рута е зголемен, но дека сепак изнесува само една петтина од времето кога бегалската криза кулминираше, а мигрантите се движеа по балканската рута. Тој вели дека токму поради овие факти мора да се разговара за тоа како да се реши проблемот со медитеранската рута.

– Уште многу години ќе се занимаваме со миграцијата од Африка. Би лажеле ако речеме дека проблемот може да се реши на краток рок – рече Хан, додавајќи дека Европската комисија веќе две годни работи со африканските земји од кои потекнуваат мигрантите.

Според него, неопходно е да се издвојат финансиски средства за да се поттикне сеопфатен развој во африкански земји, но и да се работи на запирање на порастот на населението на тој континент.

– Сега во Африка имаме една милијарда луѓе. До средината на векот ќе бидат две, а до крајот би можеле да бидат и четири милијарди – смета Хан.