Економија ЕУ ќе обезбеди 68,6 милиони евра за модернизација на железницата

ЕУ ќе обезбеди 68,6 милиони евра за модернизација на железницата

Владата потпиша Договорот за грант во износ од 68,6 милиони евра наменет за ко-финансирање, доделен од Европската унија преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ), за модернизација на железницата.

Овој грант ќе биде искористен за ко-финансирање на изградбата на приближно 34 километри железничка инфраструктура, од Бељаковце до Крива Паланка, втора фаза на проектот за Коридор 8, кој откако ќе биде финализиран, ќе биде дел од трансевропската транспортна мрежа, поврзувајќи ја Македонија со Албанија на запад и Бугарија на исток.

Поддршката следи по одобрување на двата суверени кредити од 46,4 милиони евра и 145 милиони евра од страна на ЕБОР на македонската влада, за натамошно имплементирање, преку Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“.

Првата фаза на проектот, рехабилитација на железничкиот сектор во должина од околу 31 километар помеѓу Куманово и Бељаковце, е во фаза на имплементација. Втората фаза на активности поврзани со набавки веќе започна, и се избира изведувачот кој ќе ги реализираат работите поврзано со проектот.

ИПЗБ обезбедува и грантови за техничка соработка во износ од 5,7 милиони евра, за подготовка на проекти и имплементација. Развојот на македонската економија зависи од поврзаноста на главните меѓународни транспортни копнени рути, по кои стоката може слободно да се транспортира. Низ земјата поминуваат и 215 километри од железничкиот Коридор 10.

На церемонијата на потпишување на Договорот за грант присуствуваа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за финасии, Драган Тевдовски, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, и Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија.