Македонија ЕУ го одобри инвестицискиот грант од 70 милиони евра за инфраструктурни проекти

ЕУ го одобри инвестицискиот грант од 70 милиони евра за инфраструктурни проекти

Претставници на Секретаријатот за европски прашања и Министерство за финансии учествуваа на управувачкиот комитет на Инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), на кој беа распределени, 100 милиони евра како инвестициски грантови кои се неповратна помош од Европската Унија за земјите од Западен Балкан.

„Од распределените 100 милиони евра, Македонија денеска и формално доби одобрение на 68,6 милиони евра инвестициски грант за проектот за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга од Коридор 8, и тоа за втората делница, Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри“, се вели во соопштението на Секретаријатот за европски прашања.

Од таму додаваат дека, Комитетот го одобрил и проектот за изработка на техничка документација за автопатот Стенковец – Блаце, во висина од 1.010.000 евра.

„Овие средства треба да се искористат за изработка на документација за инфраструктурен и основен проект за автопатско решение за државен пат А4, како прва фаза за изградбата на автопатот кој ќе го поврзе Скопје со косовската граница“, се додава во соопштението.

На состанокот биле најавени два нови повици за аплицирање на инвестициски грантови во висина од околу 100 милиони евра и техничка помош во висина од 12 милиони евра. Повикот за инвестициски грантови за инфраструктурни проекти ќе биде отворен во текот на 2018.