Македонија Етапната исплата на јунските пензии почнува утре

Етапната исплата на јунските пензии почнува утре

Министерството за труд и социјална политика, МТСП, информира дека од утре, 26 јуни, ќе започне исплатата на јунските пензии која, во услови на опасност од КОВИД-19, и овој месец ќе тече етапно.

Пензионерите кои ги земат пензиите од филијалите и експозитурите на банките, тоа ќе можат да го сторат во четири групи, според висината на пензијата. Така, утре ќе се врши исплата на пензии до 11.000 денари, в понеделник, 29 јуни, на оние во висина од 11.001 до 14.000 денари, во вторник, 30 јуни, на пензиите од 14.001 до 18.000 денари и в среда, 1 јули, ќе се исплаќаат пензии поголеми од 18.001 денар.

Пензионерите кои користат платежна картичка, со парите ќе можат да располагаат од утре, односно ќе можат да ја подигнат јунската пензијата на банкомат или со картичката да плаќаат во трговската мрежа.

МТСП укажува дека етапното процесирање на пензиите е во рамки на спроведување на мерките за ограничување на изложеноста на возрасните граѓани и спречување на ширење на корона вирусот. Потсетуваат на обврската за носење маска и држење растојание од најмалку два метра при чекање ред, пред и внатре во банките.