Свет Европа Ердоган: Убиството на амбасадoрот е напад на турско-руските односи

Ердоган: Убиството на амбасадoрот е напад на турско-руските односи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди убиството на рускиот амбасадор во Турција и рече дека ова е провокација за нарушување на руско-турските односи.

– Ова е напад на Турција, на турската држава и на Турците и е јасна провокација на турско-руските односи. Сигурен сум дека нашите руски пријатели ќе го видат овој факт исто така – рече Ердоган.

Дека убиството било провокација, се согласи и рускиот претседател Владимир Путин.

– Ова убиство очигледно беше провокација насочена кон поткопување на подобрувањето и нормализирањето на руско-турските односи, како и поткопување на мировниот процес во Сирија промовиран од Русија, Турција, Иран и од други земји заинтересирани за ставање крај на конфликтот во Сирија – се вели во писменото соопштение на Путин.

Рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, почина откако беше ранет со огнено оружје за време на изложбата „Русија во очите на Турците“.

Напаѓачот, Мевлут Мерт Алтинтас, бил припадник на полициската единица за сузбивање демонстрации. Тој е роден во 1994 година и се школувал во Измир.