Свет Свет Електорите денеска ќе гласаат за претседател на САД

Електорите денеска ќе гласаат за претседател на САД

САД денеска официјално избираат претседател така што група од 538 електори ќе гласаат. Се очекува тие да ја потврдат победата на Доналд Трамп.

Трамп на изборите на 8 ноември, врз основа на гласовите на избирачите, доби мнозинство електори. Според системот од 18 век, секоја сојузна држава во САД има различен број на електори, пропорционално на бројот на жители.

Електорските гласови ќе ги преброи и ќе ги потврди Конгресот на 3 јануари, а како што оценува „Си-ен-ен“, кој било резултат освен победа на Трамо, би вовел „хаос во САД каков што не е виден во последните 140 години“.

Според „Си-ен-ен“, постои мала можност електорите да донесат изненадувачка одлука и да гласаат по свое убедување, бидејќи ниту еден електор нема уставна обврска да ја следи волјата на народот, односно да гласа како што се изјасниле гласачите во неговата држава.

Од тие причини, на денешните избори, таканаречените „превртливи електори“ би можеле да гласаат по сопствено убедување и да му го земат претседателскиот мандат на Трамп. Законски тоа е возможно, но шансите се мали.

На почетокот од ноември, по предизборната кампања која траеше повеќе од една година, републиканецот Доналд Трамп доби 62.979.636 гласови од избирачи во 30 сојузни држави, во кои освои 306 електори, а неговата противкандидатка, демократката Хилари Клинтон, доби повеќе гласови од избирачи – 65.844.610, но во 20 сојузни држави со помалку електори, па има само 232.

Во меѓувреме, американските медиуми јавуваат дека електорите се „под опсада“ поради Трамп и оти добиваат вознемирувачки телефонски повици, мејлови полни со омраза, па дури и закани по живот.