Македонија Експресниот пат Штип – Кочани доцни половина година

Експресниот пат Штип – Кочани доцни половина година

Експресниот пат Штип - Кочани ќе биде готов во целост во 2021 година. Досега се завршени 50% од градежните работи на терен за првата фаза, додека во моментов се вршат подготвителни работи за почеток на изградбата на втората етапа од овој проект

Izvor: Vlada na RM

Наместо како што беше првично предвидено да се заврши до месецов, првата фаза од изградбата на експресниот пат Штип – Кочани ќе биде готова до крајот на годинава. Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека се соочиле со нерешена експропријација на земјиштето и дополнителни работи кои не биле предвидени во фазата на проектирање, вклучувајќи го ѝ откривањето на археолошки локалитети на самата траса и дислоцирањето на инсталации долж трасата.

– Физичкиот прогрес на градежните работи изнесува околу 50% – посочуваат за „Мета“ од ЈП за државни патишта. Тие нагласуваат дека наследените проблеми се решени, со што е интензивирана реализацијата на градежните работи на терен. Паралелно со ова, веќе е потпишан договорот со изведувачот на втората фаза од експресниот пат, на потегот меѓу селото Крупиште и Кочани во должина од 14 километри.

На втората секција од овој проект во моментов се вршат подготвителните работи на терен пред официјалниот почеток на изградбата. Очекувањата на ЈП за државни патишта се експресниот пат Штип – Кочани, со вкупна должина од 28 километри, да биде целосно завршен во 2021 година.

Овој патен правец во иднина ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување. Трасата на новиот пат Штип – Кочани минува надвор од населените места, со што ќе се намали времетраењето на патувањето и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. Првата фаза од експресниот пат ја гради скопски „Гранит“, додека делницата од Крупиште до Кочани ја изведува кинеската компанија „Синохидро“.

По неколку одолговлекувања на работите, експресниот пат Штип – Кочани почна да се изведува кон крајот на мај 2017 година. Проектот вреден 38 милиони евра се гради со средства обезбедени првенствено од заемот од Европската банка за обнова и развој.