Свет Европа Експлозија во центарот на Атина

Експлозија во центарот на Атина

Бомба експлодира рано изутринава во канцелариите на Асоцијацијата на трговци во центарот на Атина. Направена е голема материјална штета од бомбата, која експлодирала во 3.35 часот утринава по локално време. Нема повредени, ниту жртви, а засега ниту една организација нема преземено одговорност за нападот.

Кусо пред нападот, за бомбата имало анонимно телефонско јавување и предупредување во весниците „Вима“ и „Весник на новинарите“. Анонимниот јавувач најавил дека за 40 минути ќе експлодира бомба во зградата на асоцијацијата, која се наоѓа на само неколку чекори од грчкиот парламент и плоштадот Синтагма, предупредувајќи дека не се работи за фарса.

Полицијата реагираше навремено и целата област беше набргу евакуирана за да се избегнат човечки жртви.

Според првичните информации, бомбата била поставена во торба пред влезот на зградата.

Во целиот центар поставени се строги безбедносни контроли, а околу зградата истрагата ја водат грчката антитерористичка единица и специјалната единица за експлозивни материјали. Се проверуваат и безбедносните камери во обид да се добие каква било информација за напаѓачите.