Економија Економските забелешки на ЕК во извештајот за Македонија

Економските забелешки на ЕК во извештајот за Македонија

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, значаен дел им е посветен на економските состојби во земјава. Притоа, може да се издвојат следните констатации и забелешки:

  • Македонија има добра клима за развој на функционална пазарна економија;
  • Општо, има постигнато напредок;
  • Позитивни случувања се забележани во однос на зајакнато деловно опкружување;
  • Назадување има во управувањето со јавните финансии;
  • Последните две години има пад на фискалната дисциплина;
  • Нивото на јавниот долг се зголеми значително во последните неколку години и тој предизвикува загриженост заради транспарентноста;
  • На среден рок јавниот долг уште ќе се зголемува;
  • Се зголемува влијанието на Владата врз конкурентноста на приватниот сектор, преку регулативи и субвенции;
  • Основањето бизнис е лесно, но излегувањето на пазарот е тешко;
  • Бизнисот го оптоваруваат честите законски измени, нерамноправната примената на законите и тешкото спроведување на договорите;
  • Владата продолжи да промовира пораст и вработување преку големи инвестиции во јавната инфраструктура и преку странските директни инвестиции. Ова придонесе за подобрување на структурата на извозот и за создавање работни места;
  • Развојот на конкурентен приватен сектор е попречен од слабите исполнувања на договорите и од голема сива економија;
  • Учеството на јавниот сектор во економијата, во голема мера останува непроменето;
  • Соработката помеѓу бизнис-секторот и Владата е намалена во последниве години;
  • За подобрување на климата за водење бизнис, се препорачуваат мерки кои би влијаеле врз конкурентноста, како што се повеќе предвидлива правна и регулаторната средина, спроведување на договорите, почитување на правата од интелектуална сопственост, фискална дисциплина, подобрување на трудовото законодавство, квалитет и интегритет на инспекциските служби;
  • Се препорачува подобрување на среднорочното планирање и на извршувањето на буџетот и построго почитување на фискалната стратегија, продолжување со структурните реформи за подобрување на бизнис-климата и создавање ефикасна постапка за стечај, како и преземање на дополнителни мерки за да се поправи кредитирањето на банките.