Свет Балкан Економски коридори за поконкурентен Западен Балкан

Економски коридори за поконкурентен Западен Балкан

Инфраструктурата, конкурентноста, мобилноста и доброто управување се четирите приоритети на кои ќе се концентрираат владите од Западен Балкан со Регионалниот совет за соработка (РСС) во текот на годинава.

Ова денеска го изјави генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, на конференцијата „Сараево бизнис-форум“, посветена на зголемување на соработката во индустрискиот сектор и на економската соработка со Кина.

– Крајната цел е поконкурентен регион преку полесниот протек на капитал, човечки ресурси, стоки и на услуги на Западен Балкан, но и во поширокиот регион и надвор од него. Со тоа ќе се помогне и процесот на интеграција во ЕУ – додаде Свилановиќ, кој модерираше со една од панел-дискусиите на конференцијата.

Минатата година, Советот работеше на подготовките на концептот на економски коридори, што ќе биде претставен на самитот на шесте земји на Западен Балкан што ќе се одржи во јули годинава во Париз.

РСС е меѓувладино тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), во кој активно партиципира и Македонија.