Македонија Еко дрон патрола на Град Скопје и „Ергос“ ќе бара загадувачи на...

Еко дрон патрола на Град Скопје и „Ергос“ ќе бара загадувачи на животна средина

Градот Скопје во соработка со здружението „Ергос“-Скопје, започна еко дрон патрола, односно прелети со дрон низ територијата на Скопје, во потрага по потенцијални загадувачи, огнови на отворено и евентуални создавања на диви депониии.

-„Ергос“-Скопје во партнерство со Центарот за одржлив развој „Елипса“ досега реализицираше 12 прелети со еко дрон над земјоделските површини во околината на Скопје и не е забележано ниту едно палење на стрниште или создавање на нова дива депонија. Следното прелетување ќе се направи во текот на наредната недела и дел од прелетите ќе се емитуваат во живо на официјалната фејсбук страницата на Град Скопје -, соопштија од Градот.

Еко дрон патролите ќе вршат прелети во текот на септември, октомври и ноември со цел во текот на овие три месеци кога завршуваат земјоделските активности во атарите на градот да ги откријат и евидентираат загадувачите.

Снимките и фотографиите потоа ќе се предадат на инспекторите во Град Скопје за тие да можат веднаш да реагираат на терен, да поднесат пријава и да ги гонат потенцијалните загадувачи.

-Проектот е дел од Програмата на Град Скопје од областа на соработка со здруженија на граѓани и фондации за 2020 година. Целта на еко дрон патролата е се подобри животната средина со зголемување на мотивацијата, но и активно вклучување на локалното население, пред се земјоделците, во процесот на унапредување на животната средина и спречување во загадување на воздухот, водите, почвата и јавни зелени површини -, информираат од Градот.