Македонија ЕК одобри 17 милиони евра помош за Македонија и за Србија за...

ЕК одобри 17 милиони евра помош за Македонија и за Србија за справување со бегалците

ЕК денеска одобри 17 милиони евра за Србија и за Македонија за справување со напливот бегалци, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.

Помошта е дел од планот на ЕУ за справување со сириската криза и за помагање на земјите што се надвор од ЕУ, а се дел од транзитната рута на бегалците.

– Сегашната бегалска криза претставува предизвик од глобални размери. Мораме да работиме заедно со нашите партнери и соседни земји кои се надвор од ЕУ-границите, а кои се најмногу погодени. Ова се нови средства што им се достапни на властите во Белград и во Скопје, кои веќе направија многу за справување со ова прашање и кои претставуваат важен сигнал за продолжената европска солидарност – изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Еврокомесарот за хуманитарна помош и за справување со кризи, Христос Стилијанидис, вели дека за да се реши бегалската криза, „треба да се справиме со основните причини за принудното раселување внатре во Сирија, Ирак и во Авганистан“.

– Треба да ја продолжиме поддршката за соседните земји кои веќе имаат сместено голем број бегалци. Тоа е нашата колективна одговорност, да се обезбеди заштита и хуманитарна помош на најранливите лица, без разлика од каде доаѓаат – рече Стилијанидис.

Како што се наведува во соопштението од Европската комисија, 10 милиони евра од денеска одобрената помош се наменети за Србија и за Македонија да се справат со приливот на бегалци, додека другите седум милиони евра ќе бидат доставени во хуманитарна помош.