Главна секција ЕК го поздрави изборот на новата влада

ЕК го поздрави изборот на новата влада

Европската комисија денеска кусо реагираше на вчерашниот избор на новата влада во Македонија, предвидена со Договорот од Пржино.

– Европската комисија беше многу јасна со инсистирањето да се имплементира политичкиот договор што беше донесен со посредништво на еврокомесарот Јоханес Хан во текот на летото. Сите чекори во таа насока ги поздравуваме – рече Маја Коцијанчич, портпаролка на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.

Македонскиот парламент вчера го усвои новиот состав на привремената или транзициска влада, која ќе има мандат до вонредните парламентарни избори во април 2016 година. Во владата влегоа и претставници на опозицијата, кои добија две министерски и три заменик-министерски фотелји.