Економија ЕБРД нуди помош до 10.000 евра за малите претпријатија

ЕБРД нуди помош до 10.000 евра за малите претпријатија

Европската банка за обнова и развој во Македонија (ЕБРД) обезбедува финансии и бизнис-советување во различни области за пораст и за развој на мали и на средни препријатија. Преку консултантите кои ЕБРД ги ангажира, македонските компании може да користат бизнис-советување, од стратегија и маркетинг, до финансиски менаџмент.

– Најголем проблем на компаниите се недоволна продажба, неискористеност на капацитетите, нема систематски напори за освојување нови пазари и клиенти. Одредени компании добро се етаблирани на пазарот, но немаат информации и систем на располагање за да се детектира профитабилноста во работењето. Потребно е континуирано да се работи на подобрување и на стандардизирање на квалитетот и на услугите што се нудат. Компаниите немаат увид во реалните финансии. Имаат екстерен извештај, но немаат извештај за менаџмент – изјави директорката на националната програма на ЕБРД, Македонија, Маја Антевска.

Висината на грантот, кој изнесува најмногу до 10.000 евра, го одредуваат според три критериуми, големината на компанијата, лоцираноста и советот што е потребен.