Економија ДЗС: Невработеноста во земјава во третиот квартал намалена на 17,1 отсто

ДЗС: Невработеноста во земјава во третиот квартал намалена на 17,1 отсто

Со усвојувањето на измените на Законот за придонеси, постои и можност за административно намалување на невработеноста, затоа што хонорарците ќе се водат како вработени

Стапката на невработеност во земјава во третиот квартал се спушти на 17,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Невработеноста е намалена за 0,4 отсто во споредба со претходниот квартал, додека во споредба со 2018 година таа е помала за 3,6 отсто.

Статистичките податоци покажуваат дека во периодот јули – септември 2019 година бројот на невработени изнесувал 164.702. Бројката на вработени во идентичниот период продолжила да расте, па така во третиот квартал 799.546 граѓани од земјава биле регистрирани како вработени. Споредено со 2018 година, бројката на вработени во земјава била зголемена за над 40.000 лица. Стапката на вработеност достигнала 47,4 отсто.

Бројот на активното население во третиот квартал од годинава изнесувал 964.248 лица, односно стапката на активност во овој период била 57,2 отсто. Вкупната бројка на работоспособно население во земјава е 1.685.351 лица.