Свет Балкан Две мигрантки починале од студ во Бугарија

Две мигрантки починале од студ во Бугарија

На југоистокот на Бугарија, блиску до турската граница, две жени мигрантки беа пронајдени мртви од студ. Нивните сопатници се испратени во болница, а од нив двајца се во тешка состојба.

– Две жени починаа, едната е на возраст од 14 до 16 години, а втората помеѓу 30 и 40 години. Нашите граничари ги држеле во прегратка во обид да ги стоплат, но не успеале во тоа. Двете се мртви од студ – изјави Румијана Бачварова, министерка за внатрешни работи на Бугарија.

Жените биле дел од група од 19 бегалци кои се обидувале тајно да ја минат границата, а биле откриени од полицијата во планинскиот регион Малко Трново, кој е под снежна покривка.

Околу 30.000 бегалци, главно од Сирија, Ирак и од Авганистан беа регистрирани во Бугарија во 2015 година. Но, оваа бројка е повисока ако се знае дека најголем дел од нив нелегално минуваат низ земјата и одбиваат да бидат регистрирани, стравувајќи дека така ќе бидат принудени да останат во Бугарија.

Меѓународните организации повеќепати ги обвинија бугарските власти за лош третман на бегалците.

И покрај големиот број бегалци што минуваат низ Бугарија, оваа земја не е главниот пат кон Европа за луѓето што бегаат од војната. Според бугарската влада, причината е строгата контрола на границите што ја воведе Бугарија.